Министерството за надворешни работи на Естонија соопшти дека денеска го повикало вршителот на должноста на руската амбасада во Талин и му врачило дипломатска нота дека вработен во руската амбасада со дипломатски статус е прогласен за „персона нон грата.
Според извештаите, Министерството за надворешни работи на Естонија смета дека активноста на рускиот дипломат била спротивна на Виенската конвенција за дипломатски односи и тој мора да ја напушти Естонија најдоцна до 29 март.
Протераниот руски дипломат, како што тврди естонското министерство, „директно и активно учествувал во поткопувањето на безбедноста и уставниот поредок на Естонија, ширејќи пропаганда што ги оправдува руските воени дејствија и се занимаваше со создавање расцеп во естонското општество“.
Русија сега има в.д. амбасадор во Естонија зашто официјален Талин на 23 јануари го протера рускиот амбасадор, откако Москва претходно го направи истото со естонскиот амбасадор и ги намали дипломатските односи со Естонија, обвинувајќи ја за „тотална русофобија“.
По почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари минатата година, западните земји протераа стотици руски дипломати. Русија возврати со протерување западни дипломати.