Битола виа Херсон

МАКЕДОНИЈА - Шестгодишно девојче од битолското село Кравари починало вчера попладне на Детското одделение во Битолската болница, откако било донесено на преглед со симптоми на настинка. Според изјавите на неговите блиски, детето во болницата дошло поради повишена температура и дијареја, при што му била дадена инфузија. ЈЗУ Клиничка болница-Битола ги известила обвинителството и полицијата за службено да постапат во случајот. Обдукцијата е завршена на Одделението за патологија, а резултатите се очекува да пристигнат за десет денови, посочуваат од битолската Клиничка болница. Семејството се сомнева на несоодветен третман, со оглед на тоа што детето претходно немало здравствени проблеми.

ЦРНА ГОРА - Црногорската полиција на аеродромот во Подгорица го уапси јужнокорејскиот државјанин До Квон, кој е осомничен дека предизвикал загуба на повеќе од 40 милијарди долари од колапсот на компанијата основач на криптовалутата Тера.

БИХ / РЕПУБЛИКА СРПСКА - Владата на Република Српска, еден од двата ентитета во Босна и Херцеговина, ја прекина соработката со амбасадите на Соединетите Американски Држави и Велика Британија во БиХ, беше соопштено по денешната седница на Владата.

ФИНСКА / ШВЕДСКА - Финскиот претседател и формално ја запечати историската кандидатура на нордиската земја за влез во НАТО со потпишување Закон за потребните национални правни амандмани потребни за членство во западната воена алијанса, додека Шведска каска во процесот.

ЕУ - Лидерите на Европската унија изразија подготвеност за поддршка на планот за испраќање 1 милион парчиња артилериска муниција на Украина во следните 12 месеци за да и помогнат на земјата да се спротивстави на руските инвазивни сили.

БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Централниот регистар го избриша клубот „Ванчо Михајлов“ од Битола, постапувајќи по новите законски измени и одлуката на Комисија за имиња на организации и здруженија, која даде негативно мислење. Следен на листата за бришење е охридскиот клуб „Цар Борис Трети“. Бугарското МНР ќе се жали во ЕУ за бришењето на клубот. Овој чекор го смета за тенденциозно и непринципиелно решение.

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети јужниот регион Херсон, каде ја обиколи локалната инфраструктура што вети дека ќе ја обнови по руската инвазија. Посетата на регионот каде Украина започна успешна контраофанзива против руските окупаторски сили минатата есен беше негова втора посета надвор од Киев неделава. Во средата, тој ги посети единиците во близина на градот Бахмут на линијата на источниот фронт.

ГЕРМАНИЈА / МАКЕДОНИЈА - Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, која денеска е во официјална посета на Скопје, изрази задоволство од евроинтеграциите во земјава и порача дека треба да се искористат сите расположливи средства за тие да продолжат. На заедничката прес-конференција со нејзиниот македонски колега Бујар Османи таа истакна дека се свесни за направените компромиси, прво со Грција, а сега со Бугарија.

МАКЕДОНИЈА - Државниот завод за ревизија изрази резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Министерството за финансии за 2021 година. Забелешки има и на пописот на средства и земјиште, и на недостигот на евиденција.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот на усвоениот Закон за амнестија, со кој се предвидува затворската или парична казна на лицата осудени за непочитување на ковид мерките во пандемијата, да им се замени со алтернативна мерка - условна осуда.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски ќе бара информација од Министерството за надворешни работи, за тоа зошто програмата на македонската национална телевизија (МТВ) не се емитува во Бугарија, иако во земјава се емитува Бугарската национална телевизија (БНТ).

ИЗРАЕЛ - Израелскиот парламент денеска усвои закон со кој се ограничуваат условите под кои премиерот на Израел може да биде разрешен. Противниците на актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху велат дека законот има за цел да го заштити бидејќи му се суди за корупција во три случаи. Законот беше усвоен по жестока расправа која траеше цела ноќ, во второ и трето читање, со 61 глас за и 47 против.

БУГАРИЈА - На предвремените парламентарни избори во Бугарија што ќе се одржат на 2 април, за гласање се пријавиле само 169 лица од Северна Македонија. Бројката ја објави бугарското Министерство за надворешни работи, при што најмногу пријавени имало во Кавадарци 42, Прилеп 41 и Тетово 40.

САД - Централната банка на САД ги покачи каматните стапки по потресите потреси на финансиските пазари предизвикани од колапсот на две американски банки. Федералните резерви (ФEД) синоќа ги покачија каматните стапки за четвртина отсто, сигнализирајќи дека има спремност за запирање на понатамошно покачување на чинењето на кредитите. Основната каматна стапка за еднодневни депозити е фиксирана од 4.75 до 5.00 отсто, а ова е деветто зголемување досега во напорите на ФЕД за зауздување на инфлацијата во изминатите две години.