Црногорската полиција на аеродромот во Подгорица го уапси јужнокорејскиот државјанин До Квон, кој е осомничен дека предизвикал загуба на повеќе од 40 милијарди долари од колапсот на компанијата основач на криптовалутата Тера.
Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Филип Аџиќ, на својот Твитер профил соопшти дека уапсеното лице е „еден од најбараните“ бегалци, ко-основач и извршен директор на „Terraform Labs“, со седиште во Сингапур.
Аџиќ изјави дека чека официјална потврда за идентитетот и појасни дека До Квон го бараат САД, Јужна Кореја и Сингапур.
Видете и ова: Кол центри од Србија и други земји продавале лажни криптовалутиПо него беше издаден налог за апсење во Јужна Кореја, лани во септември кога урна криптовалутата Тера. Тој е осомничен и за измама од 40 милијарди долари откако пропадна компанијата што ја основал.
Во текот на минатата година имаше сомнежи дека До Квон извесно време се криел во Србија, но овие наводи никогаш не беа потврдени.
Како што претходно објави Радио Слободна Европа, До Квон е еден од основачите на „Teraform Labs“. Тој ја основал компанијата, според Форбс, користејќи блокчејн технологија „за да развие поефикасен систем за плаќање“.
Криптовалутата привлече 40 милиони корисници кога беше лансирана во јануари 2018 година“, се вели во кратката биографија на До Квон на веб-страницата Форбс.
Покрај криптовалутата Тера, беше создадена и Луна. И двете пропаднаа лани во мај, кога нивните цени паднаа на близу нула, погодувајќи го поширокиот крипто пазар. Пред колапсот, максималната цена беше 116 долари, пред да падне на 0,0002 долари.
По пропаѓањето на компанијата, светските медиуми објавија дека инвеститорите изгубиле околу 42 милијарди долари, додека некои ги загубиле животните заштеди, поради што јужнокорејските власти покренаа неколку кривични постапки.