Финскиот претседател и формално ја запечати историската кандидатура на нордиската земја за влез во НАТО со потпишување Закон за потребните национални правни амандмани потребни за членство во западната воена алијанса, додека Шведска каска во процесот.
Потегот на финскиот претседател Саули Ниинисто значи дека Финска ги има завршено националните мерки потребни за влез во НАТО и сега само чека одобрение од Турција и Унгарија, единствените две од 30-те постоечки членки на НАТО кои не ја ратификувале нејзината кандидатура.
Во Турција денеска парламентарна комисија ја одобри апликацијата на Финска за НАТО, објави државната агенција Анадолија, со што Хелсинки е чекор поблиску до приклучување кон алијансата.
Видете и ова: Финска ја брани одлуката за влез во НАТО без ШведскаОд друга страна, шведскиот премиер Улф Кристерсон денеска најави дека ќе бара објаснување од Унгарија зошто унгарскиот парламент избра да го одобри влезот на Финска во Алијансата пред Шведска, пренесе АФП.
„Ќе прашам зошто ја одвојуваат Шведска од Финска. Тоа се сигнали што досега не сме ги виделе“, изјави Кристерсон за шведското радио СР, додавајќи дека има намера да разговара за ова прашање со својот унгарски колега Виктор Орбан, на тековниот ЕУ самит во Брисел.
Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО во мај 2022 година по почетокот на руската инвазија на Украина. Унгарија и Турција се единствените членки на НАТО кои се уште не го ратификувале во своите парламенти пристапувањето на овие две земји, додека останатите 28 членки веќе го направиле тоа.
Видете и ова: Унгарија ќе ја поддржи Шведска за членство во НАТОУнгарскиот парламент изненади минатата недела со одлуката да одреди датум за ратификација на влезот на Финска во НАТО, заедно со одлука тоа да биде направено „подоцна“ за Шведска.
Таа вест ги зголеми проблемите на Стокхолм, чиј влез во Алијансата е блокиран од Турција. Анкара ја обвинува Шведска дека засолнила курдски милитанти кои ги нарекува терористи и дека одбива да ги екстрадира.
Владата на Орбан пак вели дека поддржува Шведска, како и Финска да се приклучат на Алијансата, но додава дека има неизвесност меѓу нејзиното парламентарно мнозинство за Стокхолм.