Зеленски го посети Херсон

Претседателот на Украина Володимир Зеленски на состанок со воениот персонал во регионот Херсон, 23 март 2023 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети јужниот регион Херсон, каде ја обиколи локалната инфраструктура што вети дека ќе ја обнови по руската инвазија.

Посетата на регионот каде Украина започна успешна контраофанзива против руските окупаторски сили минатата есен беше негова втора посета надвор од Киев неделава. Во средата, тој ги посети единиците во близина на градот Бахмут на линијата на источниот фронт.

Видете и ова: Обновата на Украина по руската инвазија ќе чини над 400 милијарди долари

„Разговарав со локалното население за нивните моментални проблеми и потреби. Ќе обновиме сè. Исто како и со секој град и село што настрада поради окупаторот“, напиша денеска на својот канал на Телеграм.

Според фотографиите објавени од Украинското претседателство, Зеленски бил во градот Посад-Покровске.

Украинската контраофанзива минатата година ги потисна руските војници од регионалниот главен град по неколкумесечна окупација. Работниците во Херсон сега се зафатени со обновување на снабдувањето со електрична енергија и вода.

Видете и ова: Зеленски во посета на Бахмут

„Мораме да обезбедиме целосна обнова и заштита на нашиот енергетски сектор. Благодарен сум на сите што напорно работат за ова и ја враќаат светлината на нашиот народ“, напиша Зеленски во посебна објава.

Украинскиот претседател го посети градот Бахмут, беше соопштено на 22 март, на линијата на фронтот каде се водат жестоки борби. Опколениот град стана централно место на војната, а Русија со месеци се обидува да го освои.