Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша Указот на усвоениот Закон за амнестија, со кој се предвидува затворската или парична казна на лицата осудени за непочитување на ковид мерките во пандемијата, да им се замени со алтернативна мерка - условна осуда.
Така, согласно овој закон, лицата кои треба да платат над 1.000 евра или изречената казна им е заменета со казна затвор, ќе добијат условна осуда од три години, додека оние лица што чија парична казна изнесува до 1.000 евра или изречената казна им е заменета со казна затвор, ќе добијат условна осуда од две години.
По три, односно две години условна осуда ќе добијат и лицата што отплатиле дел од паричната казна над 1.000 и до 1.000 евра, со што се ослободуваат од плаќањето на останатиот дел од паричната казна, доколку не сторат ново кривично дело.
Од кабинетот на Пендаровски информираат дека со законот не се предвидува амнестија за правни лица и одговорните лица во правни лица осудени со правосилна пресуда на парична казна, за овие кривични дела - од член 205 „Пренесување на заразна болест“ и член 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од Кривичниот законик.
Во периодот од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2022 година се осудени 1.223 лица на парична казна од по 123.000 денари. Согласно законските прописи доколку во рок од 2 години изречените парични казни не се намират, судијата за извршување на санкции со решение ги заменува со казна затвор. Заради неплаќање на паричната казна Основниот кривичен суд има донесено заменски решенија со кои спрема 280 лица паричната казна е заменета со казна затвор, при што веќе се издадени 205 упатни акти за издржување на казната.
Од кабинетот на шефот на државата додаваат и дека потребата од уредување на оваа состојба е наметната од големиот број на вакви предмети во Основниот кривичен суд Скопје.