Научници, војници, полицајци...

МАКЕДОНИЈА - На американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ му се одобрени 15 милијарди денари односно 243 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10д, средства што се предвидени со буџетот на Министерството за транспорт и врски за годинава. Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година е донесена вчера на седница на Владата, а денеска е објавена во Службен весник на РСМ.

САД - Поранешен војник застрела и уби активен припадник на американската војска и три деца во дом во Јужна Каролина пред да се застрела, соопштија денеска официјални лица. Двајца американски официјални лица потврдија дека станува збор за воени лица.

УКРАИНА - Обновата на украинската економија по руската инвазија која започна пред повеќе од една година сега се очекува да чини 411 милијарди долари, покажа новото истражување на Светската банка, Обединетите нации, Европската комисија и Украина.

ШВАЈЦАРИЈА - Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека не дозволува користење на знамето на таканаречената Голема Унгарија на натпреварите во нејзина организација. Како што јави агенцијата Бета, УЕФА соопштила дека употребата на тој симбол на нејзините натпревари подлежи на санкции.

КОСОВО - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека во рок од 24 часа од прифаќањето на Анексот за спроведување на Договорот за нормализација на односите, официјален Белград најавил дека нема да го почитува. Османи ја повика меѓународната заедница да насочи „притисок врз Србија“ за да се почитуваат обврските преземени од Основниот договор, за кој двете страни се договорија во Брисел на 27 февруари, како и од Анексот за негова имплементација, што беше договорено во Охрид на 18 март.

МАКЕДОНИЈА - Македонската полиција денеска до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 15-годишник од Скопје, за сторено кривично дело „тероризам”. Се сомничи за лажно дојавување за подметната бомба во училиште.

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети градот Бахмут на линијата на фронтот каде што се водат жестоки борби. Опколениот град стана централно место на војната, кое Русија со месеци се обидува да го освои.

МАКЕДОНИЈА - Македонија го потпиша договорот со Европската инвестициона банка за 70 милиони евра грант за изградба на пречистителната станица во Скопје. „Овој проект е над сите политички интереси во земјава и императив ако сакаме да бидеме дел од европското семејство, но и уште една потврда за конкретната поддршка што и ја дава ЕУ на земјава“, беше истакнато пред потпишувањето на Договорот.

ЕУ / МАКЕДОНИЈА - Евроамбасадорот Дејвид Гир е цврсто уверен дека приклучувањето на Северна Македонија кон Европската Унија (ЕУ) е достижно многу брзо. Гир денеска на новинарско прашање рече дека најдобриот начин за тоа да се случи е преку реформи, кои треба да напредуваат брзо.

РУСИЈА - Група математичари од универзитетите во САД, Европа, Јапонија и Русија го одбележаа 30-тиот роденден на затворениот научник Азат Мифтахов, со низа пораки и повторни повици за слобода. Групата објави десетици фотографии и пораки на веб-страница формирана за да го привлече вниманието на случајот со Мифтахов, кој беше широко отфрлен како политички мотивиран.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за образование и наука (МОН) привремено забрани ученици вонредно да се запишуваат во средните училишта кои имаат насоки од здравствена струка. Од МОН за МИА потврдиле дека во овие училишта испратиле допис со кој се бара запишувањето вонредни ученици да се стави во мирување.

АВГАНИСТАН / ПАКИСТАН - Најмалку девет лица загинаа во земјотресот со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала што вчера го погоди Авганистан и Пакистан, соопштија тамошните власти. Над 100 луѓе се хоспитализирани, рече портпаролот на пакистанската служба за брза помош. Најмалку 19 куќи се урнале во оддалечените области. Сè уште се проценуваат штетите.