Нема проблем, затоа што не дозволивме да го има, рече градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска на новинарско прашање околу постапката за Пречистителната станица за отпадни води во Скопје за којашто денеска беше потпишан договор за грант од Европската инвестициска банка.
Според неа, станува збор за најголемиот еко капитален проект во државава и во регионот, којшто, како што рече, е навистина неопходен имајќи ги предвид додадените вредности што самиот по себе ги носи.
„Од една страна е тоа што ќе имаме прочистување на над 90 проценти од урбаните отпадни води во градот Скопје, а од втора страна затоа што комплементарно се надополнува со сите останати работи коишто ги тераме како проекти во овие неколку години, а тоа е отпочнувањето конечно на справување со проблемот со тоа што веќе верувам сите го знаете како детектирен предизвик а тоа е дека 60 проценти од водите практично завршуваат не кај корисниците, односно се одлеваат од нашата мрежа. Значи, ова се навистина сериозни предизвици со коишто се справуваме. Отпочнавме со нивна реализација“,рече Арсовска.
Пречистителната станица беше во центарот на вниманието откако градоначалникчата Арсовска обвини дека функционери на ВМРО-ДПМНЕ се фатени со „рачиња во мед“ односно во малверзации со тендерот за изградба и го разреши директорот на Водовод и Канализација – Златко Перински што наиде на жестока реакција од неговата матична партија која на крајот резултираше со целосно раскинување на соработката меѓу градоначалничката и ВМРО – ДПМНЕ.