Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети градот Бахмут на линијата на фронтот каде што се водат жестоки борби. Опколениот град стана централно место на војната, кое Русија со месеци се обидува да го освои.
Посетата на Зеленски доаѓа откако руските сили ги нападнаа украинските градови во текот на ноќта, при што загинаа најмалку три лица во напад со беспилотно летало во близина на главниот град.
Во соопштението, претседателскиот кабинет наведува дека Зеленски разговарал на фронтот со војниците на неговата армија во Бахмут и им се заблагодарил за нивните напори да ја одбранат Украина.
„Чест ми е што сум овде денес“, им рекол украинскиот претседател на своите војници, „на истокот на нашата земја, во Донбас и да ги наградам нашите херои, да ви се заблагодарам, да се ракуваме“, кажал Зеленски.
Бахмут е во урнатини. Жестоките борби се водат повеќе од седум месеци додека руските сили се обидуваат да постигнат територијални придобивки.
Министерството за одбрана на Украина соопшти дека контранападот западно од Бахмут најверојатно ќе го намали притисокот врз главниот градски украински пат за снабдување.
„Борбите продолжуваат околу центарот на градот, а украинската одбрана останува под ризик од навлегување од север и југ. Сепак, постои реална можност рускиот напад врз градот да го изгуби ограничениот импулс што го доби, делумно поради тоа што некои руски воени единици се прераспоредени во други сектори“, се вели во соопштението.
Претходно Зеленски изјави дека Москва лансирала повеќе од 20 „убиствени беспилотни летала“, како и проектили и гранати. Напади со беспилотни летала во станбена област во регионот на Киев ги погодија горните катови на два студентски домови во градот Ржишчов.
Осврнувајќи се на заминувањето на кинескиот претседател Си Џинпинг од Русија неколку часа порано, украинскиот лидер рече дека секогаш кога „некој се обидува да го слушне зборот „мир“ во Москва“, се дава уште една наредба за напад.