Потпишан договорот за 70 милиони евра грант од ЕУ за пречистителната станица

Потпишан Договорот за 70 милиони евра грант од ЕУ за пречистителната станица во Скопје

Македонија го потпиша договорот со Европската инвестициона банка за 70 милиони евра грант за изградба на пречистителната станица во Скопје.

„Овој проект е над сите политички интереси во земјава и императив ако сакаме да бидеме дел од европското семејство, но и уште една потврда за конкретната поддршка што и ја дава ЕУ на земјава“, беше истакнато пред потпишувањето на Договорот.

Министерката за животна средина, Каја Шукова рече дека со изградбата на пречистителната станица, ќе се овозможи примарен и секундарен третман на отпадните води во Скопје со што ќе се исполнат минималните барања од Директивата на ЕУ за третман на урбани отапдни води. И евроамбасадорот Гир потврди дека грантот е уште еден практичен пример за поддршката од ЕУ за Северна Македонија.

Видете и ова: Додека институциите се координираат Скопје може да остане без пари за Пречистителна станица

Заменик претседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Лилјана Павлова потсети дека овој проект досега добил голема техничка помош и поддршка, а во претстојните денови треба да се потпишат договорите за изградба и надзор од Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“.

„Мора да ги чуваме водените природни ресурси и внимателно да ги користиме. Овој проект е од витална важност за скопјани, но и за Северна Македонија воопшто. Се работи за најголем инвестициски грант за Северна Македонија во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан“, рече Павлова.

Пречистителната станица беше предмет на големи контроверзи, откако лани во октомври, скопската градоначалничка Данела Арсовска обвини дека функционери на ВМРО-ДПМНЕ биле вмешани во малверзации со тендерот за изградба, по што следуваа разрешувања на директори и други функционери, смени во комисијата која треба да одлучи кој ќе ја гради пречистелната станица.