Гир: Приклучувањето кон ЕУ е достижно многу брзо

Македонија - Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Македонија

Евроамбасадорот Дејвид Гир е цврсто уверен дека приклучувањето на Северна Македонија кон Европската Унија (ЕУ) е достижно многу брзо. Гир денеска на новинарско прашање рече дека најдобриот начин за тоа да се случи е преку реформи, кои треба да напредуваат брзо.

„Има голем број на области каде што треба да се направат реформи и само тоа е патот којшто води напред кон ЕУ. Уверен сум дека оваа земја може да ги унапреди реформите и многу сум уверен, цврсто верувам дека приклучувањето кон ЕУ е достижно многу брзо“, нагласи Гир.

Видете и ова: Борел очекува национално единство за уставните измени

Додаде дека има редовни контакти со различни политички партии кои се дел од Владата, но и од опозицијата, образложувајќи дека пристапниот процес за ЕУ мора да биде процес во кој има согласност меѓу сите политички партии.

„Нема да навлегувам во детали за специфични разговори за она што се случува, но може да бидете сигурни дека сите наши дискусии и во сите наши дискусии ние секогаш го кажуваме она што сметаме дека е стратешки интерес на ЕУ и на оваа земја која што треба да се приклучи кон ЕУ што е можно поскоро, рече Гир.

Во однос на уставните измени евроамбасадорот вели дека тоа е суверена одлука што треба да ја донесе оваа држава. Гир се осврна и на реформите во правосудството за кои рече дека потребни се значајни чекори за натамошен напредок. Нагласи оти ќе продолжат да обезбедуваат финансиска и техничка помош во тој процес.