Владата на Косово ја дополни одлуката за санкции против руската платеничка војска „Вагнер“ во согласност со одлуката на Соединетите држави, кои ја означија како „транснационална криминална организација“.
Вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими изјави дека санкциите против „Вагнер“ се воведуваат со цел да се ослабне капацитетот на Руската Федерација за војната против Украина.
„Поради оваа причина, Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово предлага да се дополни и измени одлуката на Владата на Косово од 16 мај 2022 година за спроведување на меѓународните санкции воведени од САД, а кои ги спроведува нашата Република во однос на меѓународните обврски кон групацијата „Вагнер“ како и нивните соработници и други компании кои ја поддржуваат руската воена кампања“, рече тој.
Вагнер е платеничка војска основана во 2014 година од рускиот државјанин Евгениј Пригожин, кој е близок до Кремљ. Исто така е под санкции на Европската унија од декември 2021 година поради кршење на човековите права во вооружените конфликти низ целиот свет.
Оваа група е активно вклучена и во војната во Украина, а неодамна нејзините платеници се сметаат за значајна сила во напорите на Русија да ја преземе контролата над Бахмут.
Владата на Косово претходно воведе санкции против Русија во согласност со санкциите воведени од Соединетите држави и земјите од Европската Унија поради инвазијата на Украина.