Најмалку три лица загинаа, а седум се ранети во руски напад со беспилотно летало, соопшти денеска украинската војска. Според информациите од спасувачките служби меѓу жртвите е и едно единаесетгодишно момче.
„Како резултат на синоќешниот напад со беспилотно летало во регионот на Киев, оштетен е цивилен објект. Засега знаеме за тројца загинати и седум ранети“, соопштија градските власти на Киев на апликацијата Телеграм.
„Ноќта на 22 март, непријателот изврши уште еден масовен воздушен напад со беспилотни летала Шахед-136 од иранско производство“, се вели во дневниот извештај на Генералштабот на украинската војска.
„Според прелиминарните информации, 16 од 21 беспилотно летало лансирани од непријателот се уништени од нашите бранители“, се вели во соопштението, во кое се додава дека опасноста од воздушни напади останува висока низ целата земја.
Во северниот регион Житомир, напад со дрон оштети инфраструктурен објект, изјави на Телеграм началникот на регионалната воена администрација Виталиј Бунечко. „Единиците за противвоздушна одбрана соборија три непријателски беспилотни летала“, рече Бунечко, додавајќи дека нема жртви.
На исток, украинските сили одбиле 114 напади во изминатите 24 часа, со фокус на Бахмут, каде руските сили се обидуваат да напредуваат кон центарот на градот, соопшти Генералштабот.
Бахмут, кој сега во голема мера е претворен во урнатини, беше епицентарот на повеќемесечните интензивни борби во кои имаше големи жртви од двете страни.