Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) соопшти дека постигнал договор со Украина за пакет помош вреден околу 15,6 милијарди долари.
Планот треба да помогне во „постепено економско закрепнување, истовремено создавајќи услови за долгорочен раст во контекст на постконфликтната обнова и на пат кон членство во Европската унија“, соопшти ММФ. Договорот ќе биде претставен „во следните недели“ пред Управниот одбор на фондот за конечно одобрување.
„Главните цели на владината програма се да се одржи економската и финансиската стабилност во услови на екстремно висока неизвесност, да се врати одржливоста на долгот и да се поддржи закрепнувањето на Украина на патот кон членство во ЕУ во повоениот период“, рече претставникот на ММФ, Гевин Греј.
Украинскиот премиер Денис Шмихал го поздрави договорот и се заблагодари на ММФ за поддршката.
„Во услови на рекорден буџетски дефицит, оваа програма ќе ни помогне да ги финансираме сите критични расходи и да обезбедиме макроекономска стабилност и да ја зајакнеме нашата интеракција со другите меѓународни партнери“, рече тој во порака на Телеграм.
Американскиот министер за финансии Џенет Јелен, која беше во ненадејна посета на Украина минатиот месец, го поздрави договорот по неколкумесечниот притисок за ММФ да продолжи со нов финансиски пакет за Украина.
„Амбициозната и соодветно условена програма на ММФ е клучна за поддршка на реформските напори на Украина, вклучително и зајакнување на доброто владеење и справување со ризиците од корупција и обезбедување на многу потребната финансиска поддршка“, рече таа во изјавата.
САД се најголемиот акционер на ММФ.
Доколку биде одобрена, како што се очекува, украинската програма ќе биде најголемиот заем од ММФ за земја вклучена во активен конфликт. ММФ го смени правилото минатата недела за да дозволи нови програми за заем за земјите кои се соочуваат со „исклучително висока неизвесност“, без да ја наведе Украина.