Министерството за образование и наука (МОН) привремено забрани ученици вонредно да се запишуваат во средните училишта кои имаат насоки од здравствена струка. Од МОН за МИА потврдиле дека во овие училишта испратиле допис со кој се бара запишувањето вонредни ученици да се стави во мирување.
Досега вонредно можеше да се заврши средно образование за медицинска сестра, фармацевтски техничар и за други профили од здравствената струка.
МОН не ја прецизира причината за оваа одлука, но посочува дека таа е донесена за да се заштитат националните интереси.
„МОН испрати допис до сите училишта во кои се реализира здравствена струка, дека запишувањето вонредни ученици се става во мирување. Одлуката е донесена во насока на заштита на националните интереси, а согласно анализа на состојбите на пазарот на трудот“, велат од МОН за МИА.
Досега најчесто вонредно се запишуваа кандидати со завршено средно образование, кои се преквалификуваат со намера да стекнат диплома во овие области и најчесто за да конкурираат за работа во странство.