Мировните предлози на Кина би можеле да послужат како основа за решавање на конфликтот во Украина кога Киев и неговите западни сојузници ќе бидат подготвени, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
На заедничка прес-конференција со неговиот кинески колега Си Џинпинг, кој е во официјална посета на Москва, тој истакна дека и двајцата на средбата големо внимание посветиле на мировните предлози на Пекинг.
Кинескиот документ поставува некои општи принципи, но не содржи детален план како да се стави крај на војната, која досега трае 13 месеци. Тој, исто така, се чини дека ги критикува западните санкции против Русија, што доведе до тоа земји како што се САД да ги отфрлат.
Путин нагласи дека Москва ќе биде принудена да одговори на тоа што Британија испрати муниција со осиромашен ураниум до украинските сили. Велика Британија неодамна објави дека во Украина ќе испрати оклопни проектили кои содржат осиромашен ураниум.
Видете и ова: Си Џинпинг кај Путин во Москва - силен сигнал за САДКинескиот лидер во вторникот истакна дека Пекинг има непристрасна позиција за конфликтот во Украина. Тој рече дека Кина е на вистинската страна на историјата во однос на Украина и дека неговата влада е за активно помирување и секогаш за мир и дијалог.
Си оцени дека разговорите со лидерот на Кремљ биле „отворени и пријателски“.
Путин истакна дека тој и Си потпишале изјави кои целосно ја одразуваат природата на руските и кинеските односи, кои се на „највисоките нивоа во историјата“ на нивните земји.
„Русија и Кина ги поврзуваат нашите добрососедски односи. Се разбира, наши главни приоритети се трговијата и економијата, а тоа е сосема природно, имајќи предвид дека Кина е водечки трговски партнер на нашата земја“, рече Путин.
Двајцата лидери потпишаа серија документи за „стратешка соработка“ по, како што рече Путин, „успешни и конструктивни“ разговори кои покажаа дека Кина сега е јасно најважниот економски партнер на Русија.
„Убеден сум дека нашата мултилатерална соработка ќе продолжи да се развива за доброто на луѓето во нашите земји“, рече Путин во телевизиската изјава.
Видете и ова: Си Џинпинг го покани Путин да ја посети Кина во текот на годинатаПосетата на Си на Москва е голем поттик за Путин, бидејќи рускиот претседател се справува со она што го гледа како непријателски Запад кој е склон да и нанесе „стратешки пораз“ на Русија.
Кинескиот претседател ја посети Москва неколку дена откако меѓународниот суд издаде налог за апсење на Путин поради руските акции во Украина, каде што руските сили постигнаа мал напредок во последните месеци и покрај големите загуби.
Претходно, на 23 март, Си го покани Путин да ја посети Кина оваа година.
„Го поканив претседателот Путин да дојде во Кина оваа година кога ќе може“, рече Си.
Состаноците со Си даваат ретка можност Путин да утврди дека Русија не е целосно затворена од остатокот од светот и покрај тоа што е цел на налог за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за наводни воени злосторства.
Тој е осомничен за воени злосторства, вклучително и нелегална депортација на деца од Украина во Русија.
На 24 февруари 2022 година, Москва ја започна својата инвазија на Украина. Во првата година од војната, десетици илјади луѓе загинаа, вклучително и илјадници цивили, милиони станаа бегалци, а некои градови беа целосно уништени.