Во затворот „Идризово“ денеска бил откриен тунел што го копала група која планирала бегство од затворот, составена од најмалку осум луѓе осудени на затворски казни од 10 години до доживотен затвор, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Организираното бегство го спречиле МВР, Биро за јавна безбедност, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Откако овие институции добиле сознанија направиле проверка по која откриле дека бил ископан тунел долг 40 метри лоциран до објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда позади која се наоѓа женското одделение на затворот. Тоа било во непосредна близина на зградата на затвореното одделение на затворот, на длабочина од околу 1 метар и во дијаметар од околу 80 сантиметри, соодветно обезбеден со попречни греди и тули, наведуваат од МВР.
„Во тунелот се пронајдени повеќе пластични корпи на кои се врзани јажиња, а со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица која им служела за осветлување на тунелот“, велат од МВР.
Видете и ова: Стејт департмент - неказнивост, дискриминација и корупција во МакедонијаИнформацијата ја потврди директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ.
„По добиени информации денеска заедно со Директорот на затворот, Шпенд Тахири почнати се активности за отстранување на некои објекти за поголема безбедност и во соработка со други институции, по споделени сознанија, пронајден е тунел“, изјави за МИА Стојановиќ.
Тунелот не е надвор од периметарот на затвореното одделение, што значи дека нема шанси за евентуално бегство низ него, додава Станковиќ. Активностите се почнати денеска изутрина и надлежните институции ги преземаат сите потребни мерки.
Тунелот е во делот на затворот каде се сместени затвореници кои издржуваат високи казни.
Премиерот Димитар Ковачевски на денешна прес-конференција изјави дека сите инворамции ги има Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агнецијата за разузнавање и Управта за извршување на санкции и дека е преземено се што е потребно за унапредување на состојбата во КПД Идризови.
Инаку, на денешна владина седница е донесена одлука за разрешување на досегашниот директор на КПД Идризово, Шпенд Тахири, а на неговото место како в.д. директор е именуван генерал-мајор, магистер Зоран Јовановски, соопшти Ковачевски.
Ковачевски за Јовановски рече дека е врвен професионалец, кој има богата професионална кариера, пред се во Министерството за внатрешни работи.
Јовановски во текот на својата професионална кариера поминал обуки во Полициската академија во Луизијана, организирани од Американската амбасада во земјава, како други обуки во САД, Германија, Велика Британија и Турција, рече Ковачевски.