Украина денеска ја оцени посетата на јапонскиот премиер Фуми Кишида како „историска“ и додаде дека тоа е „знак на солидарност“ од Токио.
„Таа историска посета е знак на солидарност и силна соработка меѓу Украина и Јапонија. Благодарни сме на Јапонија за нејзината голема поддршка и придонес за нашата идна победа“, напиша на Твитер украинската заменик-шефица на дипломатијата Емина Џепар.
Кишида денеска пристигна во Киев, каде ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Јапонската телевизија НХК објави дека Кишида бил виден како излегува од возот на станица во Киев.
Видете и ова: Кулеба и Мецола разговарале за создавање специјален суд за злосторствата на Русија во УкраинаКишида „ќе му пренесе на Зеленски почит за храброста и истрајноста на украинскиот народ кој ја брани својата татковина под негова команда, како и солидарноста и континуираната поддршка за Украина од Јапонија и Групата седум индустриски најразвиени земји во светот Г7“, се вели во соопштението на јапонската влада, пренесува Бета повикувајќи се на АФП.
Јапонскиот премиер е единствениот лидер на Г7 кој не бил во Киев од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Кишида е првиот јапонски премиер кој посетил воена зона од крајот на Втората светска војна.
Токио се приклучи на западните санкции против Русија и му понуди помош на Киев.
Во февруари Јапонија најави нова помош од 5,5 милијарди долари (5,1 милијарди евра) за Украина. Јапонија, исто така, испрати одбранбена опрема и понуди да ги пречека оние кои бегаат од конфликтот.
Јапонија, сепак, не обезбеди воена помош, нејзиниот пацифистички устав ја обврзува да ги ограничи своите воени способности на одбранбени мерки.