Курти повика на осуда на Србија бидејќи не го потпишува договорот

Косовскиот премиер Албин Курти.

Косовскиот премиер Албин Курти оцени дека меѓународната заедница треба да ја осуди Србија поради одбивањето да го потпише европскиот предлог за нормализација на односите и Анексот за негово спроведување.

Во изјавата за новинарите во Приштина на 21 март, Курти рече дека Косово ги смета овие два документи за договори, иако српскиот претседател Александар Вучиќ одбил да ги потпише.

Курти и Вучиќ на средбата во Охрид на 18 март го прифатија Анексот за имплементација на европскиот предлог, а високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика, Жозеп Борел, рече дека тој стана правно обврзувачки во моментот кога Европската унија излезе со соопштението.

Во меѓувреме, српскиот претседател Вучиќ изјави дека во Охрид не потпишал никаков документ „бидејќи Србија е меѓународно призната држава, а Косово не“, и дека меѓународно правен договор не може да се направи.

Видете и ова: Српската листа повтори дека нема да учествува на локалните избори на северот на Косово

Тој рече и дека нема да спроведе „ништо поврзано со членството на Косово во Обединетите нации“.

Од друга страна, премиерот Курти очекува меѓународната заедница да ги осуди ваквите изјави.

„Другата страна не може вака да зборува против членството на Косово во меѓународните организации, вклучително и во Обединетите нации, тие не можат да зборуваат за тоа како никогаш нема да го признаат Косово, со оглед на тоа што Основниот договор е де факто признавање. Значи, верувам дека ова е од суштинско значење за процесот и важно е сите наши партнери, сојузници, пријатели на демократските земји на Запад да продолжат да стојат покрај Косово, кое е конструктивно, посветено и креативно како никогаш досега“, додаде тој.

Како што претходно најави ЕУ, имплементацијата на европскиот предлог и Анексот за негова имплементација ќе станат составен дел на процесот за приклучување на Србија и Косово во Европската унија.

Во предлогот на ЕУ не се споменува меѓусебно признавање, туку се наведува дека страните мора да ја почитуваат независноста, автономијата и територијалниот интегритет.

Предвидува и „посебен аранжман за српската заедница во Косово“, односно одредено ниво на самоуправување.

Видете и ова: Борел ги информира министрите на ЕУ за исходот од средбата во Охрид

Овој предлог беше поддржан од западните земји, вклучувајќи ги и САД.

На новинарско прашање како гледа на барањето на САД веднаш да започне имплементацијата на договорот, Курти рече дека такво нешто требало да се случи уште во понеделник на 20 март.

Тој истакна дека „топката“ сега е кај Србија, објаснувајќи дека акцентот треба да се стави на фактот што Србија одби да го потпише договорот, а не на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.

Тој изјави дека Заедницата е во постојан контакт со посредниците од ЕУ и САД.

„Ќе треба да се справиме со таа формулација за самоуправување за српската заедница... таквата формулација припаѓа на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, според Советот на Европа“, рече Курти.

Прашањето за формирање на Заедницата го блокираше напредокот на двете страни кон нормализација на односите.

Тоа беше договорено во Брисел како дел од дијалогот во 2013 година, но Уставниот суд на Косово во декември 2015 година утврди дека принципите на Унијата не се целосно усогласени со Уставот на Косово, но дека можат да се усогласат со правниот акт на Владата на Косово и статутот.