Зеленски - Се шири поддршката за создавање на трибунал за руската агресија

украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Се зголемува бројот на земји кои го поддржуваат создавањето на специјален трибунал со поддршка на Обединетите нации (ОН) кој ќе ја смета Русија одговорна за агресијата врз Украина, изјави на 20 март украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во своето вечерно обраќање, Зеленски рече дека претходно во текот на денот разговарал со австрискиот канцелар Карл Нехамер и ирскиот премиер Лео Варадкар за да им се заблагодари што се приклучиле на меѓународната група која го подготвува создавањето на специјален трибунал.

„Кругот на партнери кои се подготвени да работат заедно за да ја казнат Русија за агресија неизбежно се шири. И тоа ја прави перспективата за казнување сè пореална“, рече Зеленски.

Видете и ова: Украина тврди дека во експлозија на Крим биле уништени руски ракети

Тој рече дека зборувал и за специјалниот трибунал на 20 март во обраќањето на конференцијата на европските министри за правда во Лондон.

„Упатив апел до учесниците на конференцијата и ги повикав да ги поддржат сите елементи на меѓународните напори за агресорот да биде прецизно казнет“, рече тој.

Во јануари, Европскиот парламент усвои препорака за резолуција за создавање на специјален суд за злосторството на руската агресија врз Украина. Една недела подоцна Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) едногласно гласаше за формирање на Трибуналот.

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), сепак, рече дека се противи на предлогот на Европската унија. Карим Кан во декември рече дека неговиот суд е способен ефикасно да ги разгледа воените злосторства извршени од Русија во Украина.

На 17 март МКС издаде потерница против рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го за лична одговорност за киднапирањето деца од Украина. Судот, исто така, издаде налог за апсење на Марија Лвова-Белова, руска службеничка за правата на децата, која наводно го насочува префрлањето на украинските деца во Русија.

Кремљ ја отфрли наредбата, тврдејќи дека таа е неважечка бидејќи Русија не е под јурисдикција на МКС. Украина исто така не е членка на МКС.