Експлозија на северот на анектираниот украински полуостров Крим уништила руски ракети кои се транспортирале со железница, соопшти украинското Министерство за одбрана.
Рускиот шеф на градот Џанкој изјави дека областа била нападната со беспилотни летала.
Украина ги објави експлозиите, но не кажа експлицитно дека стои зад нападот, пишува Би-Би-Си.
„(Експлозиите) го продолжуваат процесот на руска демилитаризација и го подготвуваат украинскиот полуостров Крим за деокупација“, се вели во соопштението на украинското Министерство за одбрана.
Киев соопшти дека проектилите биле наменети да бидат лансирани од бродови на руската Црноморска флота и дека имаат оперативен дострел од повеќе од 2.500 километри на копно и 375 километри на море.
Видете и ова: Битката за Бахмут продолжува, ЕУ и САД ветија муниција за УкраинаИхор Ивин, администратор назначен од Русија, рече дека 33-годишен маж бил пренесен во болница откако се здобил со повреди од шрапнел од соборениот дрон. Тој не спомна дека биле оштетени воени цели.
Неколку згради се запалија, а електричната мрежа е оштетена, рече Ивин, објавија локалните медиуми.
Русија последен пат ја обвини Украина за напад со дрон врз Црноморската флота во пристанишниот град Севастопол на Крим во октомври 2022 година.
Се вели дека се користени девет беспилотни летала во нападот во кој бил оштетен воениот брод. Украина не ја презеде одговорноста за нападот.
Сергеј Аксенов, гувернер на Крим назначен од Русија, на социјалните мрежи изјави дека противвоздушно оружје било истрелано во близина на Џанкоја, каде што биле уништени крстаречките ракети, се вели во соопштението на украинската разузнавачка агенција.
Руските власти не потврдија дека проектилите биле уништени во нападот. Украинските медиуми јавија дека пред експлозијата во Џанкој се слушнал звук од мотор на дрон.
Извештаите за напади врз руски воени бази и други цели на Крим не беа невообичаени за време на војната, но Украина ретко, ако некогаш, презеде одговорност за таквите напади, но го поздрави нивниот исход.
Извештајот за уништување на пратката крстосувачки ракети на Крим следеше по ненајавената посета на рускиот претседател Владимир Путин на полуостровот во саботата, по повод деветгодишнината од анексијата на украинскиот регион.
Видете и ова: Меѓународниот кривичен суд побара апсење на Путин за воени злосторстваПутин отпатува на Крим еден ден откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) објави дека распишал налог за негово апсење под сомнение за воени злосторства и илегална депортација на стотици деца од Украина. Судот, со седиште во Хаг, Холандија, издаде и налог за апсење на Марија Лвова-Белова, комесарка на Русија за правата на децата.
Русија тврди дека депортацијата на децата од Украина е хуманитарен чин.
Москва ги отфрли наредбите на МКС, додека Украина ги поздрави како голем чекор напред во барањето правда за жртвите на руските воени злосторства.
Москва го зазеде Крим во 2014 година, а потоа го анектираше полуостровот. Овој потег беше осуден како незаконски од многу земји.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе ја врати целата украинска земја што Русија сега ја окупира, вклучувајќи го и Крим.