Од Чаир до Кремљ
КИНА / РУСИЈА - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска ја почна посетата на Русија, што е негова прва посета на странска земја откако по трет пат беше избран за претседател на Кина, а исто така прва посета на Русија од почетокот на руско-украинскиот конфликт во февруари 2022 година. Џинпинг ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Кинеската влада не даде детали за тоа што Џинпинг има намера да постигне за време на неговата посета на Москва.
САД / МАКЕДОНИЈА - Извештаи за сериозна владина корупција, недостиг на одговорност за родово и семејно насилство, нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во затворите, насилство и закани за насилство врз новинари, злосторства кои вклучуваат насилство и закани за насилство насочени кон припадници на ЛГБТ-и заедницата. Овие се клучните забелешки за состојбите со човековите права во Северна Македонија во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент.
ЕУ / ИРАН - Европската унија го воведе шестиот пакет санкции против Иран поради кршење на човековите права, додавајќи осум поединци и една компанија на листата на санкционирани. Имам, свештеник и тројца судии од Иран се опфатени со новите санкции. Тие се обвинети за кршење на човековите права.
ТУРЦИЈА / ЕУ - Европската комисија ќе и даде милијарда евра помош на Турција, која беше погодена од земјотреси, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на почетокот на меѓународната донаторска конференција. Таа говореше за земјотресот, кој однесе речиси 50 000 животи во Турција и Сирија, како најголема природна катастрофа што го погоди регионот во последните години.
КОСОВО - По средбата со американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, Српската листа - најголемата партија на косовските Срби, повтори дека нема да учествува на претстојните вонредни локални избори во општините на север додека не се исполнат нивните барања.
МАКЕДОНИЈА - Пратениците ги изгласаа Предлогот на законот за амнестија и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието на Република Македонија. И двата предлог- закони беа донесени по скратена постапка. Со измените на Законот за амнестија околу 3500 граѓани осудени на високи парични казни поради непочитување на ковид-протоколите за време на пандемијата ќе бидат амнестирани. Голем дел од нив се социјални случаи на кои им се закануваше затворска казна.
РУСИЈА - Рускиот истражен одбор денеска соопшти дека отворил кривична постапка против обвинителите и судиите на Меѓународниот кривичен суд, кои во петокот издадоа налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради обвинение за воени злосторства. Одборот, кој е одговорен за истрага на сериозни злосторства, рече дека нема основа за кривичната одговорност на рускиот претседател Путин и дека шефовите на државите уживаат апсолутен имунитет од јурисдикцијата на странските земји.
МАКЕДОНИЈА - Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето за случајот „Империја“ против преостанатите три лица од предметот, по спроведената истражна постапка против 19 лица. Во овој случај обвинети се Цветан Панделески, Зоранчо Митровски и Јованчо Тасковски, кои се гонат за кривичните дела „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, а Основното јавно обвинителство достави и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра.
БЕЛОРУСИЈА - Групата за човекови права „Вјасна“ соопшти дека нејзини извори изјавиле дека затворениот новинар на Радио Слободна Европа, Ихар Лосик, бил однесен во амбуланта откако бил пронајден со „исекотини на рацете и вратот“. Групата соопшти дека Лосик бил „спасен“ од, како што го опишаа, „обид за самоубиство“, иако не е јасно како и во која мера тој е повреден. Лосик беше уапсен од белоруски агенти во јуни 2020 година и му се судеше по измислени обвиненија, вклучително и „организирање и подготвување акции кои грубо го нарушуваат јавниот ред“ како и „подготовка за учество во немири“.
МАКЕДОНИЈА - Со 2 100 амандмани пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги блокираше четирите закони со кои се бара покачување на платите на судиите, јавните обвинители и судскиот и обвинителскиот совет. Дејанчо Ефтимов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека е неодговорно да се бара покачување на платите на судиите и јавните обвинители во услови на висока инфлација, кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај.
ЕУ - Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, ќе ги информира министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за исходот од средбата во Охрид на која Србија и Косово се договорија за планот за имплементација на договор за патот кон нормализација на односите.
МАКЕДОНИЈА - Од 21 март 2023 ќе се замрзнат цените на оризот и јајцата, соопшти днеска министерот за економија Крешник Бектеши. Кај шеќерот и брашното нема да се интервенира со замрзнување зашто веќе има намалување на цените на овие производи и тој тренд се очекува да продолжи, рече Бектеши на денешната прес конференција.
МАКЕДОНИЈА - ДУИ одржа митинг во скопската општина Чаир на кој говореа челниците на партијата. На митингот не беа поканети потпретседателот Изет Меџити и неговите истомисленици од т.н. Огнена група, кои бараат смена на дел од функционерите од партискиот врв. Меџити митингот го нарече собир на „артанисти“.