ОН издадоа „водич за преживување“ за спречување на климатска катастрофа

илустрација

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш изјави дека новиот, главен извештај за климатските промени „претставува водич за опстанок на човештвото“.

„Чистата енергија и технологијата може да се користат за да се избегне можна климатска катастрофа“, се истакнува во извештајот.

Сепак, на состанокот во Швајцарија за објавување на наодите, климатолозите предупредија дека клучната цел за глобалното затоплување најверојатно ќе се пропушти.

Во извештајот тие објаснуваат како брзото намалување на потрошувачката на фосилни горива може да ги спречи најлошите ефекти од климатските промени.

Видете и ова: Климатски промени: oд чизми во сандали

Како одговор на наодите од извештајот, Гутереш рече дека сите земји треба да ги опишат своите планови за нулта потрошувачка за една деценија. Овие цели треба брзо да ги намалат емисиите на стакленички гасови кои ја загреваат атмосферата на Земјата.

„Прозорецот на можности да се обезбеди животна и одржлива иднина за сите брзо се затвора“, се наведува во извештајот.

Владите претходно се согласија дека ќе дејствуваат за да се избегне пораст на глобалните температури над 1,5 степени Целзиусови. Сепак, светот веќе се загреа за 1,1 степен и сега експертите предупредуваат дека температурата најверојатно ќе надмине 1,5 степени во 2030-тите.

Со извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени се согласија сите вклучени влади. Нивната нова студија има за цел на едно место да претстави неколку значајни наоди за причините, влијанијата и решенијата за борба против климатските промени кои се објавени од 2018 година. Во него се наведуваат значајните влијанија што климатските промени веќе ги имаат врз светот и се предупредува дека во иднина тие ќе станат полоши.