Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, ќе ги информира министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за исходот од средбата во Охрид на која Србија и Косово се договорија за планот за имплементација на договор за патот кон нормализација на односите.
„Што се однесува до Косово и Србија, имавме долг разговор за финализирање на договорот што ќе се гледа како составен дел од европскиот пат за двете страни. Тоа ќе биде дел од преговарачкото поглавје, поглавје 35 во преговорите со Србија и ќе биде вклучена во документот за нормализација и во барањата од Косово. Тоа сега е обврска и ние внимателно ќе ја следиме имплементацијата. Двете страни се согласија и се обврзаа да го направат тоа и ајде сега внимателно да набљудуваме како ќе се одвива“, изјави Борел пред почетокот на министерскиот состанок.
На крајот на маратонската средба одржана во Охрид, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, се договорија итно да ја прифатат Декларацијата за исчезнати лица, како што е договорено во дијалогот со посредство на ЕУ.
Видете и ова: САД го поздравија договорот што го постигнаа Косово и Србија во ОхридКосово се обврза да започне да обезбедува соодветно ниво на самоуправа за српската заедница во Косово, во согласност со претходните договори за дијалог. Вучиќ и Кури исто така, се согласија да формираат Заеднички комитет за следење, со кој претседава ЕУ, во рок од 30 дена. Овој комитет ќе го надгледува спроведувањето на одредбите.
Анексот договорен во Охрид предвидува организирање донаторска конференција во рок од 150 дена со цел да се воспостави пакет инвестициска и финансиска помош за Косово и Србија. Србија и Косово се договорија да не го блокираат спроведувањето на ниту еден член. Но, лидерите не го потпишаа договорот бидејќи претседателот на Србија одби. Во меѓувреме ЕУ и САД го поздравија договорот.