Финска ја брани одлуката за влез во НАТО без Шведска

Финскиот претседател Саули Ниинисто и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Финскиот претседател Саули Ниинисто ја бранеше одлуката за неговата земја да влезе во НАТО одвоено од соседна Шведска, тврдејќи дека одбивањето на Турција да ја ратификува кандидатурата на Финска ќе биде проблематично, објави денеска германската агенција ДПА.

„Дали требаше да ја одбиеме турската ратификација? Тоа звучи малку лудо“, рече Ниинисто во интервјуто за шведскиот јавен радиодифузен сервис СВТ, кое беше целосно емитувано во саботата вечерта.

„Да ѝ кажевме 'не' на Анкара, тоа ќе беше многу проблематична ситуација“, додаде тој.

Видете и ова: Финска и Шведска одат во НАТО „рака под рака“, вели финскиот претседател

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во петокот најави дека неговата влада ќе го започне процесот на ратификација за Финска, но не и за Шведска.

По децениска неутралност, двете скандинавски земји аплицираа за членство во НАТО минатиот мај по руската инвазија на Украина.

Стокхолм и Хелсинки јасно ставија до знаење дека сакаат заедно да влезат во НАТО.

Турција продолжува да го блокира приемот на Шведска поради, како што вели, одбивањето на Шведска да екстрадира 120 лица кои Анкара ги смета за терористи.

Унгарија допрва треба да ја ратификува апликацијата на Финска, а одлуката за тоа се очекува на 27 март.