Рускиот претседател Владимир Путин го посети разурнатиот град Мариупол во рамки на ненадејната обиколка на окупираните делови на Украина.
Руските државни медиуми јавуваат дека ова е прво патување на Путин на територијата на украинскиот Донбас откако започна инвазијата врз Украина во февруари минатата година.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Посетата на Мариупол доаѓа по вчерашната посета на Крим по повод деветтата годишнина од руската анексија на полуостровот од Украина и само два дена откако Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за негово апсење поради сомнеж за извршени воени злосторства.
Путин јавно не го коментирал налогот за апсење, но одредени аналитичари гледаат на неговите посети на окупираните украински територии како чин на пркос.
Мариупол падна под руска контрола во мај минатата година после една од најдолгите и најкрвави битки во војната. Тоа беше првата голема победа на Русија во војната откако не успеаја да го заземат Киев.
Путин во Мриупол дојде со хеликоптер, јавија руските новински агенции, повикувајќи се на Кремљ. Ова е посета на Путин најблиску до линијата на фронтот.
Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски повеќе пати ги посети војниците на фронтот за да го подигне моралот и да разговара за стратегијата, Путин главно остана во Кремљ да ја води, како што Русија вели, „специјална воена операција“.
Поред војната во Мариупол живееја половина милион луѓе. Таму работеше железарницата Азовстал, една од најголемите во Европа.
Градот се наоѓа во регионот Донецк, еден од четирите кои Русија ги анектира во септември минатата година. Киев и неговите западни сојузници го осудија тој потег како нелегален.