Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, оцени дека очите на ЕУ и на Западен Балкан денеска се вперени кон Охрид.
„По интензивната шатл-дипломатија меѓу Белград и Приштина, со претседателот на Србија и Албин Курти ќе разговараме за имплементацијата на анексот - составен дел од Договорот на патот кон нормализација на односите“, напиша Борел на Твитер.
Борел, заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина, Мирослав Лајчак има одвоени средби во Охрид со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, по што е предвидена планирана трилатерална средба.
Курти и Вучиќ се среќатаат денеска во Вилата Билјана во Охрид во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите, што се одржува по покровителство на ЕУ. Домаќин на средбата е македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Денешните разговори, на кои присуствуваат и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, се продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу двете земји.