Оптимист сум, внимателен сум и ќе направиме сè за Република Косово, уставноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, јавниот и народниот интерес за сите граѓани без разлика, бидејќи јас сум премиер на Републиката и на сите граѓани, истакна косовскиот премиер Албин Курти за косовските медиуми по средбата со лидерот на Демократската унија за интеграции Али Ахмети во Охрид.
Курти денеска разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ во Вилата Билјана во Охрид во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите, што се одржува по покровителство на ЕУ. Домаќин на средбата е македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
„Освен што сум оптимист, дојдов со намера и добра волја дека договорот постигнат претходно, кој за жал не беше потпишан во Брисел на 27 февруари, ќе продолжи преку разговори за планот за имплементација и на овој начин да се заврши договорот за нормализација“, рече Курти.
Тој рече дека ќе продолжат разговорите за планот за имплементација, бидејќи, како што рече, нема готов текст.
Видете и ова: Умерен оптимизам од средбата Вучиќ и Курти во Вила Билјана во Охрид„Сè додека нема готов текст, не може да има завршување на разговорите, па додека нема завршување на разговорите не може да има договор. Јас сум тука за принципиелен, отворен, сериозен дијалог кој треба да резултира со договор, а договор значи конечен и договорен текст. Не дојдов тука за разговори за разговори, туку на разговори за договори“, рече Курти.
Денешните разговори, на кои присуствуваат и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, се продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу двете земји.