Ковачевски до Вучиќ и Курти - Дијалогот значи и отстапки

Прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски во Охрид. Ковачевски е домаќин на средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Вилата Билјана во Охрид.

Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски ги охрабрува лидерите на Србија и на Косово да бидат конструктивни и да имаат продуктивен ден на средбите во Охрид. Премиерот Ковачевски на прес-конференција во Охрид, додека се одржуваат средбите во рамки на дијалогот за нормализација меѓу Белград и Приштина, рече дека дијалогот е единствената алатка за консолидација на односите меѓу двете земји, но и на целиот регион.

Во Охрид високиот претставник Жозеп Борел, со поддршка од специјалниот претставник Мирослав Лајчак, одржува одделни состаноци со лидерите на српската и косовската делегација, претседателот Вучиќ и премиерот Курти, по што ќе следи заеднички состанок. Во Охрид е и специјалниот пратеник на Соединетие Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Видете и ова: Умерен оптимизам од средбата Вучиќ и Курти во Вила Билјана во Охрид

Пред средбите под покровителство на Европската унија (ЕУ) и со поддршка на Соединетите Американски Држави (САД), Ковачевски имаше одвоени средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.

„Сите правиме тешки, но државнички одлуки, никому не му е лесно, дијалог значи е отстапки, но тоа е за подобра иднина на следните генерации“, рече Ковачевски.

Премиерите Димитар Ковачевски и Албин Курти за време на дијалогот Белград - Приштина во Охрид, 18 март 2023

Тоа што средбата се одржува во Македонија, за него е потврда дека земјата е почитуван партнер и фактор за стабилност во регионот.

Ковачевски вели дека местото на Западен Балкан е во Европската унија, особено сега во услови на геополитички поделби и војната во Украина.

Премиерот Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ за време на дијалогот Белград - Приштина во Охрид, 18 март 2023

„Сите се залагаме за подобра иднина на Западен Балкан, каде конфликтите ќе останат во минатото“, рече македонскиот премиер.

На средбата во Охрид, Вучиќ и Курти треба да се усогласат за анексот на договорот што го предлага Европската унија, кој се однесува на спроведување на договорот за нормализирање на односите меѓу двете страни.