Позитивна вест на крајот на оваа сесија разговори во Охрид ќе биде добра за целиот регион, не само за оние страни кои се инволвирани. Ова денеска од Охрид го порача претседателот Стево Пендаровски, во врска со средбата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти, што под покровителство на ЕУ се одржува во Охрид.
За текот на разговорите и очекувањата од нив, Пендаровски рече дека не може да даде каква било проценка бидејќи, како што рече „не сме дел од преговорите, туку само домаќини“.
Видете и ова: Умерен оптимизам од средбата Вучиќ и Курти во Вила Билјана во Охрид„Имав средби со претседателот Вучиќ и со премиерот Курти, но само се поздравив со нив и им посакав успешна работа. Тоа кажувам, не можам да знам, бидејќи не сум на маса на преговорите. Македонија е само домаќин и ве уверувам дека ќе бидеме одлични домаќини. Претпоставувам дека тоа макар малку може да придонесе за позитивен исход од овие разговори“, рече Пендаровски.
Во Охрид започнаа средбите во рамки на договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, под покровителство на Европската унија. Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти разговараат за нормализација на односите меѓу двете земји. На средбите во Вилата Билјана во Охрид присуствуваат и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.