МНР: Комисијата за употреба на имиња носи мериторни одлуки

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија

Министерството за надворешни работи реагира дека одлуките на Комисијата за употреба на имиња не се насочени против уставното право на здружување, туку против контроверзни називи на здруженија, откако од бугарска страна искажаа загриженост за забраната за користење на имиња што ги носат бугарските клубови во земјава.

Министерот за правда Кренар Лога вчера го потпиша решението со кое се одбива употребата на името „Иван Михајлов“ кое го носи истоименото здружение од Битола, откако Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за него.

Видете и ова: И Холокаустот повод за македонско - бугарски тензии

Од МНР порачуваат дека Комисијата за употреба на имиња носи мериторни одлуки согласно законските прописи и интенцијата да се зачува суштината на мултиетничкото општество.

„Министерството за надворешни работи активно соработува со здруженија и организации од невладиниот сектор и го поддржува нивниот ангажман, согласно постоечката законска рамка со која се уредува формирањето и делувањето на таквите здруженија. Уредувањето и општествените околности во Република Северна Македонија се меѓународно признаени како пример за тоа како треба да се заштитат малцинските права и да се негуваат различностите базирани на идентитетските колективни права“, се наведува во соопштението.

Претходно денеска од бугарското МНР во оваа забрана за користење на имињата видоа обид за ограничување на правото на здружување на Бугарите во земјава.

„Одлуките што ги носат властите во Северна Македонија се директно поврзани со степенот на демократизација во земјата. Тие се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вклучително за оние кои се дефинираат како Бугари“, се наведува во денешното соопштение.

Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка лани во ноември, забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Има ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.