Меѓународниот кривичен суд побара апсење на Путин за воени злосторства

Илустративна фотографија/ Рускиот претседател Владимир Путин

Меѓународниот кривичен суд (МКС) соопшти дека распишал налог за апсење на Владимир Путин, обвинувајќи го рускиот претседател дека е одговорен за илегалната депортација на деца од Украина, што претставува воено злосторство.

Судот во соопштение наведува дека е распишана потерница и за Марија Лвова-Белова, руска функционерка за правата на децата, која наводно го насочувала отстранувањето на украинските деца во Русија.

Двајцата се осомничени дека „ги извршиле делата директно, заедно со други и/или преку други“, се вели во соопштението, додавајќи дека Путин не успеал „ да изврши соодветна контрола над цивилните и воените подредени кои ги извршиле дејствијата или дозволиле нивно извршување, и кои беа под негова ефективна власт и контрола, согласно одговорноста“.

Видете и ова: Западот едногласен во поддршката за Украина

„Постојат разумни основи да се верува дека секој осомничен сноси одговорност за военото злосторство за незаконско депортирање на населението и за незаконско префрлање на населението од окупираните области на Украина во Руската Федерација, на штета на украинските деца“, се вели во денешното соопштение.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, го нарече налогот „бесмислен“ бидејќи Русија не е потписничка на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и „не сноси никакви обврски“.

„Русија не соработува со ова тело, а можните „рецепти“ за апсење што доаѓаат од Меѓународниот суд на правдата ќе бидат правно ништовни за нас“, рече таа.

Иако налогот најверојатно ќе го намали статусот на Путин во меѓународните кругови, не е јасно како би се извршила потерницата против него.

„Ова е важен момент во процесот на правдата пред МКС... бидејќи судиите издадоа налози за апсење, извршувањето зависи од меѓународната соработка“, рече претседателот на МКС, судијата Пјотр Хофмански.

Видете и ова: ОН - Русија со широк спектар на прекршувања на човековите права во Украина

И покрај сè поголемите докази за спротивното, Русија постојано ги негираше обвиненијата за сторени злосторства откако ја започна својата целосна инвазија на својот сосед во февруари 2022 година.

Лвова-Белова пак се смета дека работи директно под Путин и според американските власти ја надгледувала депортацијата на „илјадници“ украински деца во Русија.

Хјуман рајтс воч, кој ги документира трансферите на украинските цивили и ги нарече „сериозно кршење на законите на војната што претставуваат воени злосторства и потенцијални злосторства против човештвото“, рече дека налогот против Путин е „првиот чекор за ставање крај на неказнивоста што предолго ги охрабри сторителите во руската војна против Украина“.

МКС соопшти дека иако налозите обично се сметаат за тајни, за заштита на жртвите и сведоците во истрагите, фактот дека злосторствата се во тек го натера да ја објави веста бидејќи „налозите може да придонесат за спречување на понатамошното извршување на злосторствата“.