Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска стави крај на повеќемесечните одложувања и побара од парламентот да гласа за кандидатурата на Финска да се приклучи на одбранбениот блок на НАТО.
Најавата на Ердоган доаѓа по разговорите со неговиот фински колега кој беше во посета на Анкара, со што се зголемуваат шансите нордиската нација да се приклучи на одбранбената алијанса предводена од САД, без нејзиниот сосед Шведска.
Финска и Шведска ставија крај на децениското воено неврзување и решија да се приклучат на одбранбената алијанса предводена од САД по руската воена инвазија на Украина, а нивните апликации беа прифатени на самитот на НАТО лани во јуни.
Видете и ова: Нинисто- Турција донесе одлука за членството на Финска во НАТО
Сепак, за влез во Алијансата е потребна согласност од сите членки, односно ратификација од сите 30 парламенти, процес кој беше прекинат откако стигна на редот на Турција и Унгарија.
Пробивот денеска ги зголемува шансите Финска формално да стане 31-ва членка на НАТО на самитот на Алијансата закажан за јули во литванскиот главен град Вилнус.
Ердоган му рече на финскиот претседател Саули Нинисто дека Хелсинки покажал силна посветеност на решавањето на безбедносните грижи на Анкара.
„Одлучивме да го започнеме протоколот за пристапување на Финска во НАТО во нашиот парламент“, изјави Ердоган.
Претходно Ердоган ги обвини нордиските соседи дека ги прекршиле условите од одвоениот договор што го постигнаа во јуни 2022 година, според кој Турција се согласи да ги одобри барањата.
Турција побара екстрадиција на десетици Курди и други осомничени кои ги обвинува за врски со забранети милитанти и неуспешниот обид за државен удар во 2016 година. Ердоган во овој дел изрази особено незадоволство од Шведска, земја со поголема курдска дијаспора и подолга историја на спорови со Анкара.
Финска и Шведска првично се спротивставија на идејата да ги одвојат своите барања, но шведскиот премиер Улф Кристерсон во вторникот призна дека веројатноста Финска сама да се приклучи на НАТО е „зголемена“.