Русија најави продолжување на договорот за житото за 60 дена

Илустративна фотографија

Кремљ соопшти дека Русија го продолжува договорот што ѝ овозможува на Украина да извезува жито преку нејзините пристаништа на Црното Море за уште 60 дена.

Коментарите на портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на 17 март доаѓаат еден ден пред истекот на договорот. Пактот може да се продолжи само со договор на Русија. Москва претходно изрази незадоволство од договорот, навестувајќи дека можеби нема да одобри продолжување.

Не е јасно кога ќе биде потпишан вистинскиот договор за продолжување. Канцеларијата на Обединетите нации во Женева соопшти дека разговорите се во тек.

Видете и ова: Последиците од руската суспензија на договорот за жито

Пред да се постигне Црноморската иницијатива за жито кон крајот на јули 2022 година, Украина и другите земји ја обвинија Русија дека го користи гладот како оружје со блокирање на пристаништата на Украина во Црното Море.

Турција, Украина, Русија и Обединетите нации го постигнаа договорот, кој исто така го отвори патот за руската храна и ѓубриво да стигнат до светските пазари. Испораките се надгледуваат од заеднички координативен центар во Истанбул, кој вклучува претставници на Украина, Русија и Турција.

Договорот овозможи испорака на жито во земјите во Африка, Блискиот Исток и делови од Азија.

Украина и Русија се клучни глобални добавувачи на пченица, јачмен, сончогледово масло и друга храна за тие земји, а Русија беше главен извозник на вештачко ѓубриво во светот пред да ја започне својата инвазија на Украина, лани во февруари.

Видете и ова: Путин најави промена на рутите за извоз на житото од Украина, тврди дека се снабдува само ЕУ

Договорот, кој првпат беше продолжен за четири месеци на 17 ноември, воспоставува безбеден коридор за транспорт во Црното Море и инспекциски процедури за да се одговори на загриженоста дека товарните бродови наменети за жито може да носат оружје или да се користат за напади.

Минатиот месец, шефот на агенцијата за храна на Обединетите нации предупреди дека неуспехот да се обнови договорот ќе биде катастрофален, бидејќи милиони во Африка се на работ на глад.

Шефот на Светската програма за храна (WFP) Дејвид Бисли рече дека протокот на жито според договорот сè уште не ги исполнува потребите на посиромашните земји.