Ескобар во Косово очекува позитивен исход од разговорите во Охрид

Средба во Приштина на специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар и косовската претседателка, Вјоса Османи, 17 март 2022

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на денешната прес-конференција по средбата со косовската претседателка, Вјоса Османи, рече дека очекува позитивен исход од разговорите во Охрид.

Тој повтори дека САД ја поддржуваат секоја можност што ги води земјите од регионот кон мир и евроатланска интеграција.

„Сметаме дека овој европски предлог (за нормализација на односите меѓу Косово и Србија), преку дијалог со посредство на ЕУ, дава исклучителна можност за траен мир меѓу двете земји“, рече тој.

Видете и ова: Вучиќ пред средбата со Курти - Не планирам ништо да потпишам

Од друга страна, претседателката Вјоса Османи изјави дека Косово оди во Охрид со став дека европскиот предлог е „фер, стабилен и сеопфатен договор во кој нè третираат како две рамноправни земји“.

Таа рече и дека овој предлог е единствениот начин да се обезбеди долгорочен мир, стабилност и просперитет во регионот.

„Моите очекувања како претседател на Косово се дека договорот ќе донесе конкретни опипливи резултати за Косово. Така, тој ќе обезбеди интеграција на Косово во евроатлантските институции, ќе обезбеди сеопфатна интеграција на српската заедница во институциите на Републиката. Тоа ќе резултира со ефективно распуштање на сите нелегални структури на Србија (на Косово)“, рече Османи.

Видете и ова: Што содржи ЕУ предлогот на Договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово?

Посетата на американскиот пратеник на Косово доаѓаат во пресрет на утрешната средба во Охрид, каде претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, ќе разговараат за спроведувањето на европскиот предлог за нормализација на односите меѓу двете страни.

Ескобар вчера беше во Белград, а утре е во Охрид каде ќе присуствува како набљудувач на средбата.