Владата на Словачка го одобри планот да и ја даде на Украина својата флота од 13 борбени авиони МИГ-29 од советската ера.
Денеска словачкиот премиер, Едуард Хегер ја објави едногласната одлука на неговата влада.
Словачка, инаку, не ги користи овие авиони од минатото лето и повеќето од нив не се во оперативна состојба. Словачка ќе ги испрати тие што се функционални.
„Ветувањата мора да се одржат и кога Зеленски побара повеќе оружје, вклучително и борбени авиони, јас реков дека ќе дадеме се од себе“, напиша Хегер на Твитер.
Исто така, Словачка ќе испорача дел од својот систем за воздушна одбрана КУБ, дополни Хегер.
Словачка нова земја-членка на НАТО која се согласи да ги исполни упорните молби на украинската влада да испрати воени авиони за да помогне во одбраната од руската инвазија. Вчера полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека неговата земја ќе и подари на Украина четири борбени авиони МИГ-29.
Тој појасни дека Полска ќе ги предаде авионите од советско производство во наредните денови, но и други на кои им треба сервисирање поради што ќе бидат испорачани подоцна.
Дебатата за тоа дали да се испратат воени борбени авиони во Украина, која не е членка на НАТО, трае од минатата година поради загриженоста за ескалацијата на конфликтот поради улогата на НАТО во војната.
На 17 март Кремљ објави дека борбените авиони што Полска и Словачка ги испраќаат во Украина ќе бидат уништени и повтори дека испораките на западно оружје за Киев нема да ги променат воените цели на Русија.
Инаку и Македонија е една од ретките земји која на Украина досега ѝ донираа воени авиони за да се брани од руската агресија. Македонските власти потврдија дека ги испратиле своите борбени авиони Сухој-25 и непознат број тенкови Т-72 од советско производство.