Со реформската агенда и забрзување на процесот на преговори, Владата има цел земјава до крајот на 2030 година да биде целосно подготвена за преземање на обврските од членството во Европската Унија, порача премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на почетокот на 16-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација што се одржува денеска во Скопје.
„Владата којашто ја предводам и во наредниот период ќе вложи максимални напори за навреме да ја заокружиме и отворачката фаза од пристапните приговори и да овозможиме динамизирање на преговорите“, порача македонскиот премиер.
Ковачевски рече дека Владата работи со силен фокус на спроведувањето на неопходните реформи и продолжува посветеноста во унапредување на добрососедските односи. Се осврна и на руската воена инвазија врз Украина, за која посочи дека длабоко ja промени геополитичкaта реалност, а земјава недвосмислено се приклучи кон едногласната осуда на ЕУ и меѓународните партнери и согласно своите можности, пружи хуманитарна, воена и дипломатска помош за Украина.
„Со овој чекор ја реафирмиравме својата посветеност кон споделувањето на европските вредности и принципи, врз коишто се базира надворешната политика на Европската Унија, потврдувајќи го партнерството со ЕУ и стратешката европска ориентација“, рече во обраќањето премиерот Ковачевски.
Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) којашто стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Со оглед на ротирачкото претседателство со Советот за стабилизација и асоцијација, со овогодинешнот состанок претседава Република Северна Македонија, односно премиерот Ковачевски, а ко-претседавач од страната на Европоската Унија е високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.