Кинескиот претседател Кси Џинпинг ќе допатува во официјална посета на Москва од 20 до 22 март, во период кога Пекинг се обидува да му даде поддршка на рускиот претседател Владимир Путин, а исто така го турка мировниот план со цел да се стави крај на конфликтот во Украина.
„За време на разговорите ќе се разгледуваат актуелни прашања за понатамошен развој на сеопфатно партнерство и стратешка соработка меѓу Русија и Кина. Планирана е и размена на мислења во контекст на продлабочување на руско-кинеската соработка на меѓународната сцена“, се вели во денешното соопштение на Кремљ.
Посетата доаѓа откако Путин неодамна го покани кинескиот лидер да ја посети руската престолнина.
Минатиот месец, Кина го претстави мировниот план за украинскиот конфликт што ги одразува руските ставови, вклучително и обвинувањето на Западот за неиспровоцираната инвазија. Кинескиот план, меѓудругото, предвидуваше прекин на огнот и мировни разговори.
Западот го отфрли кинескиот предлог, но Москва го поздрави.
Кинеското Министерство за надворешни работи исто така го потврди патувањето, велејќи дека Кси и Путин за време на посетата ќе разговараат за големи меѓународни и регионални прашања.
Портпаролот на Министерството, Ванг Венбин, на брифинг со новинарите изјави дека целта на посетата е дополнително зајакнување на довербата меѓу двете сили.
Непосредно пред почетокот на руската неиспровоцирана инвазија на Украина, Кси и Путин издадоа заедничка декларација во Пекинг минатиот февруари, кога рускиот лидер присуствуваше на Зимските олимписки игри.
Во декларацијата, двајцата лидери велат дека „пријателството меѓу двете држави нема граници, нема „забранети“ области на соработка“.
Оттогаш Кина одбива да ја осуди руската војна во Украина и ги критикува санкциите наметнати од Запад кон Москва.
Западните сојузници ја обвинија Кина дека размислува за испорака на оружје за Русија и го предупредија Пекинг да не го прави тоа.
Последната посета на кинескиот претседател на Москва се одржа во 2019 година. Путин и Кси се сретнаа и во септември, на регионалната безбедносна конференција во Узбекистан.