За бугарското Министерство за надворешни работи дискусиите и забраната од македонското Министерството за правда за имињата на две бугарски здруженија се дел од обидите за ограничување на правото на здружување на Бугарите во земјава.
Оттаму соопштија дека со загриженост ги следат случувањата, откако вчера Комисијата за употреба на лични имиња даде негативно мислење за употребата на името „Иван Михајлов“ од страна на бугарското здужение во Битола.
„Одлуките што ги носат властите во Северна Македонија се директно поврзани со степенот на демократизација во земјата. Тие се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вклучително за оние кои се дефинираат како Бугари“, се наведува во денешното соопштение.
Видете и ова: Министерството за правда забрани Иван Михајлов да биде име на здружениеОттаму посочуваат дека целат на измените во Законот за здруженија и фондации е бришење од Централниот регистар на две организации на Бугарите.
„Настаните од вчера уште еднаш ја покажуваат потребата да се постигне објективно толкување на историските настани и личности од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија. За таа цел беше формирана Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Денеска сме сведоци како едностраните и пристрасни толкувања на историските настани можат да се користат како аргумент врз основа на кој властите носат одлуки за ограничување на основните права и слободи“, посочуваат од бугарското МНР.
Во земјава има два бугарски клуба со спорни имиња, Иван (Ванчо) Михајлов во Битола и Цар Борис Трети во Охрид, кои носат имиња на личности кои имаат поврзаност со фашистите.
Видете и ова: Централниот регистар бара проверка на имињата на 17 илјади здруженијаСогласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето истече на 16 февруари.
Здружението „Иван Михајлов“ од Битола немаше поднесено барање за преименување. „Цар Борис Трети“ пак поднесе барање за усогласеност, но како што соопштија од Централниот регистар, не и потребните документи.
Законот за здруженија и фондации забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Има ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.