Украинците одбиваат напади во Бахмут, гинат цивили во руското гранатирање на истокот

Украинските војници на линијата на фронтот во близина на градот Бахмут, 10 март 2023 година

Украинските борци одбија нова серија руски напади во Бахмут и околината на градот во источниот регион на Доњецк, соопшти утрово војската, додека во руското гранатирање на населени места има смртни случаи меѓу украинските цивили.

На југ, градот Херсон повторно беше под интензивно руско гранатирање, соопшти воената администрација на регионот.

Гувернерот на Доњецката област, Павло Кириленко изјави дека во текот на изминатиот ден две лица загинале, а осум други се ранети.

„На 16 март Русите убија двајца жители на регионот Доњецк: во Торецк и селото Краснохоривка. Уште 8 лица во регионот беа повредени“, напиша Кириленко на Телеграм.

Видете и ова: ОН - Русија со широк спектар на прекршувања на човековите права во Украина

Генералштабот на вооружените сили на Украина извести дека руските трупи извеле повеќе од 70 напади во изминатиот ден долж линијата на фронтот во источна Украина, со фокус на сега уништениот град Бахмут, главна цел на интензивната руска офанзива што започна во ноември.

Во силното руско гранатирање на населбата Костјантинивка во Доњецк се ранети шест цивили и оштетени десетици куќи и цивилна инфраструктура, се вели во воениот извештај.

Јужниот град Херсон беше гранатиран 13 пати за 24 часа, изјави рано на 17 март воениот гувернер на регионот, Олександар Прокудин. Едно лице е рането.

Украинските сили го ослободија градот Херсон, на десниот брег на реката Днепар, во ноември, принудувајќи ги руските трупи да се повлечат на левиот брег.

Видете и ова: Македонија – една од ретките земји кои на Украина ѝ донира воени авиони

Оттогаш, руските трупи постојано го гранатираат градот и други делови од регионот под украинска контрола, предизвикувајќи бројни цивилни жртви и повредени, постојано оштетувајќи ја енергетската инфраструктура.

Од почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина, Русија упорно негира дека цели на цивили и покрај многуте докази за спротивното.