Министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одбива употребата на името Иван Михајлов за истоименото здружение од Битола. Ваквата одлука на министерот уследи откако денеска Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употребата на името Иван Михајлов.
Именувањето на здружението „Иван Михајлов“ е провокација за националните чувства на македонскиот народ, смета Комисијата за употреба на имиња на личности.
На денешната седница Комисијата даде негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов поднесено од здружението Културен Центар „Иван Михајлов“ - Битола, соопштија од Министерството за правда.
Комисијата смета дека именувањето на здружение по името на Иван Михајлов е провокација, оти се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество, стои во соопштението.
Видете и ова: 80 години разногласие – Што направил Цар Борис Трети за опстанокот и депортацијата на Евреите?
Седницата на владината Комисија за употреба на имиња се одржа на последниот ден од рокот кога требаше да се произнесе и да достави став до Министерството за правда во врска со прашањето за преименување на здружението „Иван Михајлов“ од Битола, заради усогласување со измените на Законот за здруженија.
Согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето истече на 16 февруари.
Видете и ова: И Холокаустот повод за македонско - бугарски тензииЗдружението „Иван Михајлов“ од Битола, пак немаше поднесено барање за преименување.
Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл.
Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.
Комисијата за употреба на имиња на личности ја сочинуваат пет члена од кои по еден претставник од министерствата за правда и за култура, еден од Институтот за национална историја и двајца, кои доаѓаат од редовите на МАНУ.