Борел – Време е лидерите на Косово и Србија да преземат одговорност за пристапувањето во ЕУ

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешни работи Жозеп Борел

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешни работи Жозеп Борел оцени дека сега е време Србија и Косово да се договорат за Анексот за имплементација, кој е составен дел на француско-германскиот договор за решавање на косовското прашање.

Борел во својот блог порача дека е време да се преземе одговорност и да се појде кон ЕУ и потсети дека в сабота ќе свика состанок на високо ниво на дијалогот Белград-Приштина.

Тој рече дека оваа средба се разликува од претходните, бидејќи ќе се разговара за Анексот за имплементација на неодамнешната Спогодба со ЕУ, што ќе резултира со далекусежна нормализација на односите меѓу Косово и Србија и ќе им го отвори патот кон ЕУ.

„Никој, никогаш не рече дека таква монументална задача како што е овозможувањето на договорот за нормализација ќе биде лесна. Имаше подеми и падови, и често прашања за кои се сметаше дека се мали и технички се покажуваа како многу осетливи и политички, со потенцијал да прераснат во насилство“, оцени Борел во блогот.

Видете и ова: Ескобар очекува Косово и Србија годинава да постигнат договор


Тој изјави дека ЕУ не е ниту обичен нотар, ниту страна во дијалогот, туку дека е и останува олеснувач во тој дијалог.

„ЕУ е конечниот дом за Србија и Косово. Ќе продолжам неуморно да работам за конечно да се постигне сеопфатен спогодба за нормализација на односите што е прифатлива за земјите-членки на ЕУ, е во согласност со меѓународното право и европското правно законодавство и придонесува за регионалната стабилност“, посочи Борел.

Европскиот предлог има за цел да доведе до целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Овој документ, кој првично беше познат како француско-германски план, има поддршка и од Соединетите Американски Држави.