Српскиот претседател Александар Вучиќ на 15 март на социјалната мрежа Инстаграм напиша дека имал „отворен и фер разговор“ со американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на средба во Белград.
„Верувам во натамошно подобрување на односите меѓу Србија и САД“, напиша Вучиќ.
На средбата, како што се наведува во соопштението од кабинетот на Вучиќ, биле разгледани процесот на нормализирање на односите со Косово, формирањето на Заедницата на општините со српско мнозинство и „можностите за изнаоѓање компромисни и одржливи решенија во дијалогот што се води со посредство на Европската Унија“.
„Претседателот Вучиќ ја повтори непроменетата позиција на Србија во однос на зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот и решавањето на отворените прашања меѓу Белград и Приштина, со акцент на целосно спроведување на досега потпишаните договори и зачувување на државните и националните интереси “, се вели во соопштението.
Видете и ова: Ескобар на средба со Вучиќ и Брнабиќ во БелградЕскобар дојде во Белград пред средбата на лидерите на Косово и Србија на 18 март во Охрид, Северна Македонија, каде се очекува двете страни да се договорат за анексот на предлогот на Европската унија за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, односно на спроведувањето на договорот.
САД го поддржуваат предлогот на ЕУ, а Ескобар беше дел од европско-американскиот тим дипломати кои во јануари ги посетија Косово и Србија по овој повод. Како што дознава Радио Слободна Европа, Ескобар по Белград ќе ја посети и Приштина.
Претходно косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е оптимист за средбата во Охрид но, посочи дека не зависи се од него.
Видете и ова: Амбасадорот на САД во Косово за предлогот на ЕУ-Нема подобар договорВучиќ и Курти на 18 март ќе се сретнат во Охрид во рамките на дијалогот со посредство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.