Специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на 15 март во Белград се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Според агендата, истиот ден Ескобар се среќава и со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.
Ескобар дојде во Белград пред средбата на лидерите на Косово и Србија на 18 март во Охрид, Северна Македонија, каде се очекува двете страни да се договорат за анексот на предлогот на Европската унија за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, односно на спроведувањето на договорот.
САД го поддржуваат предлогот на ЕУ, а Ескобар беше дел од европско-американскиот тим дипломати кои во јануари ги посетија Косово и Србија по овој повод. Како што дознава Радио Слободна Европа, Ескобар по Белград ќе ја посети и Приштина.
Видете и ова: Лајчак – Ако нема Заедница на српски општини, нема ни договор Белград - ПриштинаВо Белград, во пресрет на средбата во Охрид, престојува и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, кој претходно беше во Приштина.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 13 март по средбата објави дека имал „тежок и смислен“ разговор со Лајчак. Вучиќ повторил дека формирањето на Заедница на општини со српско мнозинство е предуслов за нормализирање на односите, се додава во соопштението.
Претходно косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е оптимист за средбата во Охрид но, посочи дека не зависи се од него. Вучиќ и Курти на 18 март ќе се сретнат во Охрид во рамките на дијалогот со посредство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Видете и ова: Курти - Разгледуваме модели за формирање Заедница на српски општиниЕвропската служба за надворешни работи соопшти дека Борел и Лајчак прво во Охрид ќе имаат одвоени средби со Вучиќ и Курти, а потоа ќе следи заедничка трилатерална средба.