Поранешен бугарски пратеник обвинет за шпионирање за Русија и санкциониран од САД за корупција е избран за шеф на Меѓународното движење на русофилите (МДР) - група поддржана од руското Министерство за надворешни работи, која наводно собира членови од 40 земји.
Николај Малинов, кој е и водач на проруската лоби група во Бугарија позната како Национално движење на русофилите и e кандидат на престојните предвремени парламентарни избори, беше едногласно избран за претседател на МДР на 14 март на основачкиот конгрес на движењето во Москва.
На тој собир присуствуваа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, портпаролката на МНР Марија Захарова, заменик-шефот на Горниот дом на рускиот парламент Константин Косачев, идеологот Александар Дугин и олигархот Константин Малофеев.
Претседателот Владимир Путин и рускиот патријарх Кирил упатија честитки по одржувањето на собирот. Во 2019 година, Малинов, поранешен пратеник од Бугарската Социјалистичка партија (БСП), беше обвинет за финансирање и шпионирање за две руски организации и му беше забрането да патува во странство.
Видете и ова: Санкции од САД и Британија за поранешни државни службеници и фирми од БугаријаМинатиот месец, Малинов беше санкциониран од Соединетите Американски Држави и Велика Британија за корупција заедно со уште седум бугарски политичари кои служеа како пратеници во парламентот или беа на највисоки државни функции.
Одделот за финансии соопшти дека Малинов, кому му беше забрането да патува во странство, поткупил бугарски судија да му дозволи да оди во Русија за лично да го прими Медалот за пријателство од Путин во 2019 година.
Две компании на Малинов, неговата партија Русофили за преродба на татковината и групата Русофилско Национално движење, исто така, се ставени на списокот со санкции на САД поради сериозно кршење на човековите права и корупција ширум светот.
Иако се уште е обвинет за шпионажа, Малинов во моментов е кандидат на изборите на 2 април од коалицијата Неутрална Бугарија, чиј член е и неговата група Русофилско национално движење. Не е јасно е како му било дозволено повторно да отпатува во Москва кога поради истрагата му било забрането да патува во странство.