По објавата на молдавските медиуми за можен напад врз делегацијата на ОБСЕ при посетата на Молдавија која ја предводеше македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во својство на претседавач со ОБСЕ од македонското МНР велат декапри посетата биле предвидени посебни безбедносни протоколи кои се во надлежност на земјата домаќин.
Во соопштението од МНР е наведено дека реализираните посети на Украина, Молдавија, како и предвидените теренски посети во другите таканаречени „загрозени подрачја“ се реализираат со јасна назнака дека се тоа посети на делегацијата на ОБСЕ, што во меѓународните односи се сметаат за посети со зголемен ризик и внимателност.
„Претседавачот имаше целосна доверба во безбедносните служби на Молдавија и во тамошните власти, кои ја гарантираа неговата безбедност и безбедноста на делегацијата. Ние не бевме информирани, ниту постоеја индикации за какви било закани или можен напад врз делегацијата на ОБСЕ, ниту кон претседавачот Османи за време на неговата посета“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Османи до Украинците - Вие не сте самиМолдавскиот медиум „Реалитатеа“ објавил дека наводниот напад требало да биде изведен со автомобил-бомба, паркиран во близина на замокот Бендер. Според истиот извор на медиумот, властите во молдавскиот проруски сепаратистички регион Транснистирја ја обвиниле украинската безбедносна служба дека е организатор на планот за нападот. Тие дури објавиле и видео запис на кој, според нив, се гледа „агентот“ што требало да го изврши нападот, како ја следи делегацијата на ОБСЕ, предводена од Османи.
Украина категорично ги отфрли обвинувањата дека планирала напад, додека молдавските власти оценија дека се потребни докази за ваквите тврдења, бидејќи она што е презентирано „има шпекулативен карактер и не ги одразува истрагите или потврдните податоци на властите на Република Молдавија“.