Амбасадорот на САД во Косово за предлогот на ЕУ-Нема подобар договор

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави на Косово, Џефри Ховениер денеска изјави дека предлогот на Европската унија за нормализација на односите меѓу Косово и Србија носи реални, практични, политички и економски придобивки. Тој потсети дека страните го прифатиле овој предлог и додаде дека за негово спроведување ќе се разговара во текот на викендот.

Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ ќе се сретнат во Охрид на 18 март, а се очекува двајцата лидери да се договорат за создавање на патоказ за имплементација на европскиот предлог.

„Морам да бидам јасен, САД веруваат дека нема подобар договор во овој момент. Ова е важен чекор напред“, рече Ховениер на прес-конференција во Приштина на 15 март.

Тој посочи дека фокусот сега треба да биде на „успешната и ефективна имплементација“ на предлозите за нормализирање на односите.

Видете и ова: Лајчак – Ако нема Заедница на српски општини, нема ни договор Белград - Приштина


САД дополнително ќе инвестираат за да му помогнат на Косово со приемот во Партнерството за мир, доколку официјална Приштина даде конструктивен придонес за нормализација на односите. Партнерство за мир е програма за практична билатерална соработка помеѓу поединечни евроатлантски партнерски земји и НАТО.

На прашањето дали САД го промениле ставот во однос на правно обврзувачкиот договор со взаемно признавање, Ховениер изјави дека нема промена на ставот туку „препознавање на реалноста“.

„Позицијата на САД е јасна, тоа беше и ќе биде и не гледаме дека се менува. Но, мораме да се соочиме со моментот во кој се наоѓаме и мислам дека реалноста, или различните фактори, на во голема мера поради одлуката донесена од раководството во Србија, во овој момент не постои голема веројатност да се постигне меѓусебно признавање и потребата од ново статус кво, репозиционирање на односите Косово-Србија што придонесува за поголема регионална стабилност и му овозможува на Косово да одиме напред“, одговори тој на прес конференцијата.

Видете и ова: Курти - Разгледуваме модели за формирање Заедница на српски општини

Ховениер смета дека евентуалниот договор во Охрид може да доведе до учество на Србите на изборите за градоначалници во општините на север, кои се закажани за 23 април.

Српска листа, најголемата партија на косовските Срби, претходно објави дека нема да учествуваат на овие избори бидејќи не се исполнети барањата поради кои тие ги напуштаат косовските институции.

Заедно со нив оставки поднесоа и вработените во полицијата, судството и локалната администрација во ноември минатата година, а еден од условите за нивно враќање беше формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.