Бугарското Министерство за финансии предупредува на ризикот од банкрот

Илустрација, евра и бугарски лев

На Бугарија и се заканува банкрот и постои ризик за стабилноста на бугарската валута - лев во однос на еврото. Ова го соопшти денеска бугарското министерство за финансии. Вршителот на должноста министер за финансии Росица Велкова-Желева во извештајот кој денеска беше објавен посочува дека влезот на Бугарија во еврозоната мора да се одложи на неодредено време.

Во соопштението е посочено дека ќе се бара од сите министерства да ги намалат расходите за не помалку од 10 отсто поради критичната состојба на буџетот. Желева смета дека задолжувањето кај ММФ би помогнало за зачувување на фискалната стабилност, но може да наметне сериозни финансиски ограничувања и дека во таа ситуација приходите би биле замрзнати.

„Проценките направени од Министерството за финансии покажуваат дека доколку се задржат политиките донесени во 2022 година и ги рефлектираат фискалните ефекти од прописите што стапија на сила, а кои ги предодредуваат приходите и расходите, ефектот за 2023 година подразбира значително влошување на буџетскиот биланс во јавната администрација во износ од 6,9 отсто од БДП“, рече Велкова-Желева.

Видете и ова: Бугарскиот претседател го распушти парламентот и закажа предвремени избори за 2 април

Таа нагласи дека како резултат на мерките што ги донесе собранието кое ја избра владата со премиерот Кирил Петков и министерот за финансии Асен Василиев „забележано е значително зголемување на расходите на буџетот за 2023 година и на среден рок дефицитите се повторно околу 6 или 7 проценти од БДП“.

Бугарски медиуми јавуваат дека доколку се задржат наведените трендови на негативниот дефицит, се зголемува можноста за забрзан пристап кон предвидените горни граници на јавниот долг од 60 отсто од БДП.