Политика и селотејп

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека постоењето на Русија како држава зависи од војната во Украина.
Во говор пред работниците во фабрика за авиони, Путин повтори дека Западот сака да ја уништи Русија. Тој претходно го обвини Западот дека ја користи Украина како средство за нанесување „стратешки пораз“ на Русија, пренесува Ројтерс.

ФРАНЦИЈА - Во Париз, светската туристичка дестинација која лани ја посетија над 34 милиони туристи, посетителите во изминатите денови се сликаат покрај купишта ѓубре настанати поради штрајкот на ѓубреџиите, како дел од протестот поради непопуларната реформа на пензискиот систем.

ГЕРМАНИЈА - Германските борбени авиони стационирани во источното крило на НАТО од август минатата година интервенирале 27 пати откако биле предупредени за непознати авиони во балтичкиот регион, соопштија германските воздухопловни сили Луфтвафе. Портпарол за ДПА изјавил дека германските сили идентификувале руски воени авиони над Балтичкото Море.

САД - Компанијата Мета, која ги поседува Фејсбук, Инстаграм и ВацАп, денеска соопшти дека укинува уште 10 илјади работни места, како и дека не пополнува 5 илјади отворени позиции, со цел да ги намали трошоците.

МАКЕДОНИЈА - Основниот Кривичен суд - Скопје ја запре кривичната постапка против поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски поради настапување на апсолутна застареност. Судот денеска соопшти дека пресудата против него се укинува.

БИХ / РЕПУБЛИКА СРПСКА - Новинарите спонтано се собраа пред Народното собрание на Република Српска во Бања Лука, каде што протестираа против најавената криминализација на клеветата во тој ентитет во Босна и Херцеговина. Во знак на протест тие залепија ленти преку устите и кршеа моливи и пенкала.

РУСИЈА - Русија не ја признава надлежноста на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, изјави денеска портпаролот на Кремљ Димитриј Песков.
„Ние не го признаваме тој суд, не ја признаваме неговата јурисдикција“, рече Песков, коментирајќи ги медиумските извештаи дека МКС се очекува да ги издаде своите први налози за апсење на Руси поврзани со конфликтот во Украина.

ЕУ - Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во интервју за емисијата „Око“ на РТС, што ќе се емитува вечерва, рече дека формирањето на Заедницата на српските општини е главниот предуслов за постигнување договор. Лајчак кажа дека доколку го погледнете предлогот на ЕУ, тој зборува за нормализација, а не за некаква капитулација.

КИНА - Кина најави дека од утре ќе продолжи со издавање на сите видови визи и ќе ги отвори своите граници за странските туристи, за првпат после три години од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот. Последната мерка за прекугранична контрола за Ковид-19 беше укината минатиот месец откако властите прогласија победа над пандемијата.

ИНДОНЕЗИЈА - Мерапи, еден од најактивните вулкани во Индонезија, денеска исфрли врели облаци од пепел и гас, кои се протегаат два километри по неговата падина“, јави ДПА. Според Центарот за вулканологија и ублажување на геолошките опасности, владина агенција која ја следи вулканската активност, ерупцијата траела 160 секунди, испраќајќи врели вулкански остатоци долж реката Красак.

КИНА - САД го охрабруваат кинескиот претседател Си Џинпинг директно да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопшти Белата куќа, по веста дека кинескиот лидер телефонски ќе разговара со својот украински колега.

ЕУ - Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел, на 15-16 март ќе отпатува за Албанија, а на 16-17 март во Северна Македонија, соопштуваат од Европската унија (ЕУ).