Даравелски нема да оди во затвор, делото му застаре

Илустрација

Основниот Кривичен суд - Скопје ја запре кривичната постапка против поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски поради настапување на апсолутна застареност.

Судот денеска соопшти дека пресудата против него се укинува.

Даравелски беше осуден со правосилна судска пресуда за проневера на 2,5 милиони евра, додека беше директор на Царинската управа, во време кога премиер беше Љубчо Георгиевски, меѓу 1998 и 2002 година. Веднаш по промената на власта започна истрага против него и беа поднесени повеќе кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластување, при што беше отворена истражна постапка.

Видете и ова: Бубевски: Застарувањето на делото за Даравелски е готова работа, останува само конфискацијата


Тој во меѓувреме замина за Србија, па беше осуден во отсуство на 7 години затвор и беше наредена конфискација на негов имот во вредност на штетата што ја направил на државата.

Во 2016 година Даравелски помина извесно време во екстрадициски притвор во Белград, но во меѓувреме стана државјанин на Србија и не беше испорачан во Македонија.

На 10 јануари, тој беше приведен на граничниот премин Табановце, на влез во Македонија, по што беше однесен во затворот Идризово. Неговите адвокати побараа, а Основниот кривичен суд Скопје дозволи повторување на судската постапка, но сега делото е апсолутно застарено.